Вториот натпреварувачки ден на 33-тото издание на кошаркарскиот Куп на Македонија, во Гевгелија, ги носи полуфиналните дуели.

Програмата ќе биде отворена со натпреварите во женска конкуренција. Четирите најдобри екипи од првиот дел на прволигашката сезона, ќе се борат за трофејот „Благоја Георгиевски – Буштур“.

Први на паркетот во салата „26 Април“ ќе истрчаат кошаркарките на Крива Паланка и Вардар. Тоа е дуел на прво и трет пласираните екипи на табелата. По нив ќе следува натпреварот меѓу бранителот на трофејот Баскет Кам и екипата на Бадел.

По дамите, своите полуфинални натпревари ќе ги играат мажите.

Првиот дуел практично ќе биде реприза на финалето од минатата година во Битола, кога до трофејот стигна МЗТ Скопје Аеродром совладувајќи го Пелистер. Дали аеродромци уште еднаш ќе им застанат на патот на пелистерци до првиот трофеј останува да видиме.

Домаќинот и организатор на овој турнир Кожув има големи амбиции и очекувања. Сака гевгелиската екипа и публика, да го освои пехарот, но за тоа ќе им требаат уште две победи. Првата тимот на Кожув ќе ја брка во дуелот со Гостивар, кој вчера го надигра составот на ТФТ.

Сите полуфинални натпревари може да ги ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ.

КОШАРКАРСКИ КУП НА МАКЕДОНИЈА

Петок (14 февруари) – полуфинале
жени
13.00 КРИВА ПАЛАНКА – ВАРДАР
15.30 БАСКЕТ КАМ – БАДЕЛ
мажи
18.00 ПЕЛИСТЕР – МЗТ СКОПЈЕ A.
20.30 ГОСТИВАР – КОЖУВ
Сабота (15 февруари) – ФИНАЛЕ
жени 17.00
мажи 19.30