Македонскиот ракометен шампион вечерва со гостувањето кај Спортинг во Лисабон ги продолжува натпреварите од Лигата на шампионите.
Ова е дуел од 11.коло, а битолчани гостуваат кај третопласираниот во А групата првакот на Португалија. Првиот дуел меѓу двата тима одигран во Битола заврши без победник, откако македонскиот првак во последната минута надополни негатива од три разлика и дуелот заврши 24:24.
По паузата поради Светското првенство двете екипи имаа и неколку денови за заеднички подготовки во пресрет на последните четири кола. Португалската екипа за подобар пласман во пресрет на нокаут фазата, а Еурофарм Пелистер со желба да го задржи шестото место (во моментов пласман) кое носи пласман во разигрувањето.
Еден од најискусните во редовите на Е.Пелистер, голманот Никола Митревски добро го познава квалитетот на Спортинг, откако неколку сезони настапуваше во португалското првенство во екипата на Порто.
Се надевам дека ќе пружиме добра игра на овој натпревар.
Ќе биде доста тешко да се игра во Лисабон.Спортинг е еден доста незгоден противник кој во последните години воден од браќата Кошта игра доста добар ракомет и напаѓачки и дефанзивно.
Ние одиме на секој натпревар на победа, без разлика во која конкуренција,
изјави Митревски.
Тренерот на битолчани Шпанецот Раул Алонсо, нема да може да смета на повредениот словенечки репрезентативец Нејц Цехте, но очекува добар настап на неговата екипа.
Мора да го играме нашиот ракомет и да бидеме солидни во транзиција.
Треба да преземеме контрола врз темпото, мислам дека тоа ќе биде клучно за да им парираме. Ќе биде голем предизвик за нас да одиграме добро во Лисабон, изјави Раул.
Македонскиот шампион по десет одиграни натпревари има две победи, два нерешени натпревара и шест порази и со шест бодови се наоѓа на шестото место.
Почетокот на натпреварот е во 20:45 часот, а судии се Марко Боричиќ и Дејан Марковиќ од Србија.