Селекторот фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски во Анталија ги следеше контролните натпревари на клубовите од МФЛ кои своите подготовки за претстојната полусезона ги одработуваа во турскиот туристички центар.
Милевски заедно со техничкиот менаџер во А селекцијата ги следеше натпреварите на Вардар, Шкендија, Шкупи, Струга ТЛ и Силекс. Покрај тоа, Милевски го следеше и настапот на нашите интернационалци Дамјан Шишковски, Бобан Николов и Себастијан Ерара.
„Впечатоците од натпреварите на македонските екипи во Анталија се навистина позитивни.
Помалку изненадувачки, но очигледна беше разликата во ритамот на фудбалерите на овие натпревари кои ги следевме, во однос на домашното првенство.
Видовме нова енергија, тимски дух, добар ритам и желба за докажување. Се надевам дека тоа ќе го пренесат и на натпреварите од МФЛ. Тоа е нешто што се бара во модерниот фудбал и е неопходно за добар резултат.
Ова беа натпревари без резултатско значење, но сепак даваат одредена слика за квалитетот на екипите и индивидуалните карактеристики на фудбалерите.
Продолжуваме да ги следиме сите фудбалери кои сметаме дека имаат репрезентативен потенцијал, а нивните настапи се клучни во однос на изборот за место во најдобрата репрезентација“, вели селекторот Милевски.