Екипата на Пелистер брзо најде замена за Александар Петровиќ на тренерската позиција. Откако искусниот македонски тренер ја прекина соработката со битолчани вчера, денеска од таборот на зелено-белите го објавија неговиот наследни. 

Станува збор за искусен српски тренер Ненад Трајковиќ кој има богато меѓународно искуство. Трајковиќ ќе го води Пелистер до крајот на оваа натпреварувачка сезона. 


64-годишниот Трајковиќ ја почнал тренерската кариера како асистент во Партизан, а во периодот од 1999 до 2001 година беше и шеф на стручниот штаб.

Има работено како помошен тренер во Реал Мадрид, извесен период беше и селектор на младинската репрезентација на Југославија, а минал една сезона и во НБА-лигата, како дел од стручниот штаб на Кливленд кавалирс.

Во 2014 година беше и селектор на репрезентацијата на БиХ, а последен ангажман му беше како предводник на Студентски Центар, успевајќи да го внесе овој тим во елитното друштво на АБА-лигата.

Од таборот на пелистерци во информацијата се вели:

„Доаѓањето на Трајковиќ во Битола се очекува во текот на утрешниот ден, а српскиот стручњак ќе дебитира на клупата веќе на мечот со Гостивар закажан за сабота.

Домашниот дуел со Гостивар, тим што ни е должник од првиот дел од сезоната е одлична можност за вртење на нов лист и почеток на нова победничка серија, на натпревар пред верната битолска публика.

Му посакуваме многу среќа на новиот тренер и имаме апсолутна доверба во неговите квалитети, со надеж дека под негово водство ќе ги исполниме зацртаните цели за оваа натпреварувачка сезона.“