Чудниот критериум на судиите од Данска го решија победникот на дуелот меѓу Македонија и Холандија, повеќе од 10 седмерци за „лалињата“ и двојно повеќе исклучувања за Македонија. Кобечните 37:32 за Холандија не треба многу да загрижуваат од причина што нашите ракометари и на овој натпревар беа борбени, но немаа сили да играат и против арбитрите.

На почетокот на дуелот Македонија поведе со 1:0 и 2:1, но потоа следуваше првата мини серија на Холандија од три гола за водство на противникот од 4:2. По неколку интервенции на Митревска изедначивме на 5:5, за во 15.минута со голот на Пешевски да поведеме со 8:7. Македонија имаше гол предност и при резултат 12:11 за нашата репрезентација, судиите од Данска за време на пасивниот напад на Холандија доделија жолт картон на нашата клупа, а неколку секунди потоа Никола Маркоски го доби и второто исклучување. Македонија водеше со 13:12, а потоа следуваше серија од 5-0 на „лалињата“. Во нападот немавме решение за одбраната на противникот, кој техничките грешки ги казни со лесни голови. Во тој период црвен картон доби и Петар Атанасијевиќ.

На стартот од вториот дел Холандија по двата реализирани седмерци стигна и до +5 (20:15), а откако ја консолидиравме одбраната успеавме да намалиме на два негатива (23:21). По тајм аутот на Лазаров во 45.минута Македонија преку Митев намали на 25:23. На два негатива бевме и во 50.та минута, но противникот ја одржуваше предноста од 2-3 гола разлика. Селекторот Лазаров се обидуваше да чести измени да ја намалиме предноста на ривалот, но постојано бевме во некоја негатива со исклучен играч или со седмерец за Холандија.

Најефикасен во нашата репрезентација беше Филип Кузмановски со 9 голови.