Македонската ракометна репрезентација попладнево го игра вториот натпревар на Светското првенство, а противник е селекцијата на Холандија. Натпреварот е од групата Д, а двете селекции по првиот дуел се непоразени. Холандија очекувано високо го совлада својот противник Гвинеја со 40:23, додека Македонија одигра нерешено со Унгарија 27:27.
Нашиот денешен противник е селекција која е во подем последните години и репрезентација која негува „брз ракомет“. За Холандија ова е трето учество на Светско првенство. Првото го имаше во 1961 година, а на последното беа пласирани на 14.то место. Прв играч на Холандија е секако Лук Стеинс, додека во составот е и „вардарецот“ Ларс Коиј. Селектор е познатото име Стефан Олсон.
Притоа Холандија е наш „должник“ особено што на претходниот мундијал во Краков ја совлада Македонија со 34:24, што значи дека второ првенство по ред сме ривали со „лалињата“.
Ова ќе биде натпревар број 4 меѓу овие две селекции, покрај дуелот во Краков со Холандија имаме одиграно уште два натпревара во претквалификации за Европско првенство 1996 година. Воедно Холандија е првиот официјален противник на Македонија во ракомет во систем на натпреварување за Европско или Светско првенство.
Во првиот натпревар во Емен на 1.февруари 1995 година Холандија ја победи Македонија со 23:22, а два дена подоцна Македонија во Битола славеше победа со 33:27.