Одбројувањето истекува за македонската ракометна репрезентација, а на нешто повеќе од 24 часа до првиот дуел со Унгарија, селекторот Кирил Лазаров се осврна на завршените подготовки и претстојните натпревари.
Унгарија е нашиот прв ривал на овој шампионат.
Тоа е спортска и пред се ракометна земја, со два тима во Лигата на шампионите.
Тоа е селекција која беше дел од Олимписките игри во Париз, репрезентација која има напредок.Имаат исклучително квалитетен селектор Чема Родригез, со шпански стручен штаб. Немаат слаба точка во тимот, можно е да имаат слаб ден, но ние пак мораме да бидеме најдобри и секоја шанса да ја искористиме, истакна Лазаров.
Македонија подготовките ги одработи во три фази, со неколку контролни натпревари, со акцент на дуелот со Хрватска, ко-домаќинот пред седум дена.
Ние сме млада репрезентација, ќе мора да се бориме сите 60 минути. Таков пристап имавме на дуелот со Хрватска, тоа е начинот на кој треба да играме и на овој шампионат, но и во иднина.
Храброст и борбеност треба да биде нашиот пристап на натпреварите, изјави селекторот.
Македонија првиот натпревар на Мундијалот против Унгарија го игра утре (среда) со почетокот во 20:30 часот.
Во најава на овој дуел е натпреварот број 1 од групата Д во Вараждин меѓу Холандија и Гвинеја што почнува во 18 часот.