Кошаркарите на Чаир потешко од очекуваното славеа победа над Феникс во продолжението на сезоната во Првата лига.
Во дуелот од 13.коло одигран вечерва, чаирчани пред својата публика победија со 85-82.
Во првото полувреме домашниот тим беше оној кој ја контролираше играта и резултатот. чаирчани гои добија двата периоди (21-19 и 19-11), па на полувреме заминаа со двоцифрена предност (40-30).
Во вториот дел гостите беа подобри и ја анулираа негативата, па на 36 секунди до крајот резултатот беше израмнет (82-82). Благодарение на својот најдобар играч Диванте Мофит кој реализира 2+1, екипата на Чаир ја врати предноста на три поени. Феникс го имаше последниот напад и 17 секунди за реализација, но обидот на Тимоти за израмнување беше далеку од целта. Американецот, Мофит со 32 поени беше најдобриот стрелец во победничката екипа и на натпреварот.
За Чаир ова беше осмата победа сезонава, прва по низата од четири порази. Феникс го претрпе деветтиот пораз, прв по двете врзани победи на крајот на календарската 2024-та.
Во првиот денешен натпревар ТФТ со 77-70 го совлада Гостивар. Останатите четири натпревар од оваа рунда ќе се играат утре. Во фокусот ќе биде дуелот во „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје Аеродром треба да го пречека битолски Пелистер.