Лидерот во ракометната Супер лига екипата на Алкалоид ја постигна 14-та победа откако во првиот натпревар од 15.коло од Супер лигата како гостин славеше над домаќинот Прилеп со 40:30. Со овој триумф Алкалоид со 28 бодови е прв на табелата, пред Вардар со 26, кој пак утре гостува во Битола кај првакот Еурофарм Пелистер.
Домашниот тим (Прилеп) водство на натпреварот имаше само на почетокот на дуелот 2:0 и 3:2, а избраниците на Кирил Лазаров со серија од пет голови го презедоа водството и постојано беа во предност, која на полувреме беше 18:13.
На почетокот на вториот дел проблем за домашниот тим беше и третото исклучување на хрватскиот интернационалец Квастек, па дополнително одбраната на Прилеп беше ослабена.
Другите дуели од 15.коло се играат утре – сабота.