Првиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, ќе заврши во недела со дуелите од 18-тото коло.

Екипата на Шкендија е најблиску до така-наречениот примат „есенски шампион“. Тетовци во оваа рунда влегуваат со два бода повеќе во однос на конкурентите, Силекс, Гостивар и Работнички.

Токму настапот на Шкендија ќе решава кој ќе презими на првата позиција. Во Тетово гостува екипата на Гостивар, во дербито на колото. Овој натпревар ќе го суди штипјанецот Димитар Пилешков.

Уште еден натпревар ќе привлече големо внимание, оној во Кратово во кој Силекс ќе го пречека Вардар. Некогаш тоа беше големо дерби, а сега двата тима со различни амбиции. Домаќините во трка за врвот, а вардарци во бегство од дното на табелата. Бодовите секако се важни за двата тима, па се очекува интересен натпревар на кој правдата ќе ја дели кавадарчанецот Стојанче Трпчевски.

Сите натпревари од 18.коло, што ќе се играат во недела, ќе почнат од 13 часот.

ПРВА ЛИГА 18.КОЛО (13 часот)

Недела
ШКЕНДИЈА – ГОСТИВАР
СИЛЕКС – ВАРДАР
РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР
СТРУГА Т.Л. – ВОСКА СПОРТ
ТИКВЕШ – АП БРЕРА СТРУМИЦА
БЕСА – ШКУПИ