Она што со месеци се говореше во фудбалските кулоари, тоа и ќе се оствари, па Масар Омерагиќ ќе биде идниот претседател на Фудбалскта федерација на Македонија.
Ова е повеќе од јасно бидејќи Омерагиќ е единствениот кандидат за претседателската функција, потврдија од ФФМ.
„Комисијата за избори и верификација во рамки на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го прифати предлогот на Општинскиот фудбалски Сојуз – Свети Николе за поддршка на кандидатурата на Масар Омерагиќ за претседател на Фудбалската федерација на Македонија на Вонредното изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија на 22. декември 2024. година.
Одлуката на Комисијата за избори и верификација во рамки на ФФМ по предлог на ОФС Свети Николе го одреди Масар Омерагиќ за единствен кандидат за претседател на Фудбалската федерација на Македонија на Вонредното изборно Собрание на ФФМ закажано за 22. декември 2024 година.“
Омерагиќ веќе доби поддршка од бројни поранешни фудбалски легенди, меѓу кои Горан Пандев, Илија Најдовски и други, кои се подготвени да помогнат во работата на федерацијата.