Супер интересни и неизвесни беа трите денешни натпревари со кои се комплетира шестото коло во Првата кошаркарска лига.
Дерби дуелот одигран во СЦ „Кале“ го добија кошаркарите на Чаир кои му го нанесоа првиот пораз на ТФТ. Чаирчани се вратија од „мртвите“ и со тројка во последната секунда се изборија за продолжение (82-82). Во дополнителните пет минути имаа повеќе трпение и среќа па на крајот заслужено славеа со 94-92.
Драма не недостигаше и на останатите два натпревари.
Во Гостивар, екипата на Кожув на 20-тина секунди пред крајот имаа 4 поени предност. Домаќините имаа шанса за израмнување, но не го искористија нападот. Гевгеличани славеа со 68-66.
Големо изненадување приредија кошаркарите на Шкупи кои во Битола го победија Пелистер со 90-86.
По оваа рунда нов лидер на табелата е Чаир кој има 13 бодови како и ТФТ. Следуваат: МЗТ Скопје, Пелистер и Работнички со по 12 бодови …