Екипата на Вардар е третиот тим кој обезбеди пласман на завршниот турнир од Купот на Македонија за ракометарки.
Црвено-црните убедливо ја совладаа екипата на Пелистер со 34:21 во финалето на групата „В“.
Вардарки одлично го отворија натпреварот, поведувајќи со 4:1, и ја одржуваа оваа предност и покрај обидите на Пелистер да се вратат во игра. Домашниот тим, во 27-мата минута, веќе имаше +4 (11:7) и на полувремето замина со предност од 12:8.
Во второто полувреме, Вардар не дозволи промени во ритамот и продолжи да ја зголемува предноста. До 41-вата минута разликата веќе достигна +7 (20:13), по што „црвено-црните“ рутински го привршија натпреварот, завршувајќи со конечни 34:21.
Најефикасни од домашната екипа беа Богојеска и Миленковска со седум погодоци, додека од Пелистер Босилковска даде осум гола.
Претходно пласман на завршниот турнир обезбедија екипите на Чаир и Металург Автокоманда, со победите над Куманово и Спартак.
Последниот полуфиналист најверојатно ќе биде бранителот на трофејот и актуелен шампион Ѓорче Петров тим кој е апсолутен фаворит во дуелот со Гевгелија. Тој натпревар ќе се игра утре (18 часот).
Ивона Кимовска