Одбојкарките на македонскиот шампион Работнички вечерва ќе имаат нов настап на европската сцена. Тие ќе ја пречекаат романската екипа Алба Блаж, во реванш дуелот од 1/16-финалето на ЦЕВ Купот.
Македонскиот шампион ќе има исклучително тешка задача бидејќи на првиот меч во Романија загубија со 0:3 во сетови.
Можеби шансите за пласман во осминафиналето се сведени на теорија, но тоа не ги обесхрабрува одбојкарките на Работнички.
За нив, ова е уште едно големо искуство на меѓународната сцена, па секако ќе сторат се да се прикажат во најдобро светло.
Натпреварот Работнички – Алба Блаж што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ ќе почне од 18 часот.