Машката ракометна репрезентација на Македонија е пред нов голем предизвик. Избраниците на селекторот на Кирил Лазаров ќе треба да направат нешто што досега ниту една македонска генерација ракометари. Имено на официјален натпревар Македонија се нема радувано на победа против Литванија. Притоа, вредно е да се напомене дека, литванската репрезентација е секако неколку нивоа под македонската, која од 2012 година е редовен учесник на големите натпреварувања.

На досегашните три натпревари противникот има две победи (30:20 во Каунас, октомври 1996 година и 31:28 во Радовиш, ноември 1996 година) и еден нерешен резултат на неутрален терен (24:24 во Адана, јануари 2010 година). Во годините кога Литванија ги има победите над Македонија добар дел од нашите репрезентативци, кои се сега во составот не биле ниту родени, а и бројот на натпревари не е голем против денешниот ривал.

Тесната победа во средата против Естонија во Скопје, даде јасна слика дека македонскиот национален тим само со максимална ангажираност на сите и игра пред се тимски може да очекува победа. Посебен акцент треба да се стави и на одбраната и треба да биде на ниво како во последните 20 минути од дуелот во среда бидејќи во првите 40 минути нашите голмани немаа ниту една одбрана.

Репрезентацијата на Литванија не би требало да биде сериозен противник, но од нивна страна стигнуваат најави дека се подготвуваат за изненадување, затоа внимателност треба да има во нашиот состав.

Натпреварот од групата 1 од квалификациите за Европското првенство се игра во Вилнус, почетокот е во 17 часот. Судии на дуелот се: Андреј Буџак и Михаил Захрадник од Словачка, а делегат Мирослав Баум од Полска.

Во истиот термин во Талин се игра вториот дуел од групата меѓу Естонија и Словенија.