Во богатата ноќ со натпревари, во НБА лигата остана само еден не поразен тим. Ова откако екипата на Оклахома го претрпе првиот пораз сезонава, а за тоа се погрижи Денвер предводен од Никола Јокиќ.

„Тандерси“ во неизвесен натпревар загуби од „Нагетс“ со 122-124, а Србинот имаше троен учинок со  23 поени, 20 скока и 16 асистенции.

За Оклахома ова беше првиот пораз во осмиот одигран натпревар.

Така сега само екипата на Кливленд остана не поразена. До деветтата победа „Кавс“ стигна на гостувањето во Њу Орлеанс со 131-122.

Донован Мичел повторно беше расположен и постигна 29 поени, а по 16 поени постигнаа Џерет Ален (14 скока) и Карис Леверт (шест скока, шест асистенции).

Голден Стејт игра одлично на стартот на сезоната. Клеј Томсон си замина во Далас, но „Воините“ и без него продолжуваат да победуваат.

До седмата победа сезонава „Вориорс“ стигнаа на гостувањето кај шампионот Бостон со 118-112. Стеф Кари кој пропушти три натпревари поради повреда, се врати во вистински момент. Тој на „Селтикс“ им уфрли 27 поени, а имаше и 9 асистенции и 7 скокови.
Кај поразениот Бостон прв стрелец беше Џејсон Тејтјум со 32 поени, но шампионот втор пат сезонава беше поразен.

На останатите натпревари беа постигнати следниве резултати:
Шарлот – Детроит 108:107
Индијана – Орландо 118:111
Атланта – Њујорк 121:116
Хјустон – Сан Антонио 127:100
Мемфис – ЛА Лејкерс 131:114
Феникс – Мајами 115:112
ЛА Клиперс – Филаделфија 110:98
Сакраменто – Торонто 122:107