Кошаркарите на Работнички вечера во Сараево ќе го играат четвртиот натпревар во АБА2 лигата. Тимот од „Градски парк“ во дуел од 4.коло на „Б“ групата и гостува на екипата на Босна.

Избраниците на Горан Самарџиев немаат право на поправен, односно единствена опција за нив е победа.

Иако има уште три натпревари од групната фаза, Работнички кој е без триумф досега, е во ситуација на невозможна мисија. Ќе треба да слави најмалку на два натпревари, но притоа да му се поклопат „коцките“ и резултатите на останатите дуели. И во таква ситуација за црвените не е гарантирано едно од двете места што водат во плејофот.

Пораз вечерва од Босна и официјално би значел крај на надежите за Работнички за пласман во разигрувањето. Мисијата да биде дотолку потешка е поразот од Босна во првиот меѓусебен дуел во Скопје, кога гостите славеа со 25 поени разлика (74-99).

Ако ништо повеќе кошаркарите на Работнички би морале да одиграат не само за себе, за клубот, туку и за реномето и рејтингот на мак-баскетот.

Како ќе изгледа тоа и дали ќе биде доволно за првата победа, ќе видиме во натпреварот што ќе почне од 20 часот.