Најдобрата женска кошаркарска репрезентација на Македонија, денеска се собра во Скопје, каде ќе ги игра следните два натпревари. За македонските кошаркарки претстојат дуелите со Украина и Португалија во квалификациите за Европското првенство 2025-та.
Селекторот Александар Ашаданов на првиот тренинг на располагање имаше 10 од 12-те кошаркарки.
На првата прозивка се појавија: Анџелика Митрашиновиќ, Илина Селцова, Мерит Хемпе, Милица Николиќ, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска, Катерина Поп-Димитровска, Ања Начевска и Михаела Алексовска.
На тренингот во салата на СРЦ „Кале“ присуствуваше и Матеја Николиќ, која се пожали на болки во пределот на коленото, па ќе треба да оди на дополнителни лекарски прегледи.
„Очекувам веќе на вечерашниот тренинг да бидеме комплетни. Односно да ги имаме на располагање сите 12. кошаркарки.
Елена Тасевска имаше обврски на факултетот, додека Александра Стојановска поради транспортните конекции, ќе биде во Скопје попладнево и ќе биде на тренинг уште вечерва“,
појаснува Ашаданов.
Време за многу подготвување Ашаданов и неговите избранички немаат. Веќе во четврток (7 ноември, од 18.часот), ќе играат против Украина. Три дена подоцна (во истиот термин) ја пречекуваат Португалија. Натпреварите ќе се играат во СЦ „Кале“.