Тимот на Денвер кој пред две сезона беше НБА шампион, во новата се мачи на стартот. „Нагетс“ претрпеа нов (трет) пораз во петтиот одигран натпревар.

На гостувањето кај Минесота тимот предводен од Никола Јокиќ загуби со 116-119. Србинот на 2.секунди пред крајот промаши тројка за израмнување, па бадијала остана неговиот двоен-ефект. Јокиќ натпреварот го заврши со 26 поени, 13 скокови на кои додаде и 9 асистенции. Арон Гордон со 31 поен (11 скока) беше прв стрелец кај поразената, а Ентони Едвардс со 29 поени во победничката екипа.

Минесота има „скор“ 3-2, а „Негетс“ 2-3 (победи-порази).

По двата врзани порази екипата на ЛА Лејкерс им се врати на победите. „Езерџиите“ славеа во Торонто со 131-125.

Ентони Дејвис сезонава ја почна во одлична форма, па повторно се истакнаа со 38 поени и 12 скока. И Леброн Џејмс имаше дабл-дабл со 27 поени и 10 асистенции, додавајќи и шест скока.

Кај Торонто, за кој ова е петти пораз прв стрелец беше Ар Џеј Барет кој постигна 33 поени, а имаше 12 асистенции, најмногу во кариерата.