Во Првата македонска фудбалска лига, попладнево ќе се играат натпреварите од 13-тото коло.
Дербито е во Кратово каде трето пласираниот Силекс го пречекува единствениот непоразен тим и лидер на табелата Работнички.
Кратовци се во низа од шест натпревари без пораз, а единствениот сезонава, го претрпеа на домашен терен од Гостивар, „Романтичарите“ сезонава играат одлично. Сигурно не планирано останаа без два бода во претходното коло играјќи 0-0 со Вардар. Затоа избраниците на Горан Станиќ сега ќе сакаат да ги освојат трите бода и да се зацврстат на првата позиција.
Исходот од овој натпревар секако ќе ги интересира и ривалите на Силекс и Работнички за највисок пласман. Второ пласираната Шкендија во Тетово ја пречекува Беса, а Гостивар кој е четврти е домаќин на Пелистер.
Тиквеш, Вардар и Воска спорт кои се на последните три позиции ќе играат пред своите симпатизери.
Кавадарчани се домаќини на шампионот Струга Трим Лум. Вардар кој незнае за првенствена победа на последните пет натпревари ќе ја пречека струмичка АП Брера. Во Охрид кај Воска спорт ќе гостува Шкупи.
Сите натпревари ќе почнат од 13 часот, а ќе може да ги гледате ВО ЖИВО ОВДЕ.