Македонскиот првак Еурофарм Пелистер вечерва пред своите симпатизери во Битола ќе го игра шестиот натпревар во Лигата на шампоните. Во дуел од „А“ групата пелистерци го пречекуваат Вестпрем.
Без разлика на кризата во која влегоа зелено-белите, унгарскиот тим секако ја има улогата на фаворит. Оставката на Ангеловски и привременото решение на тренерското место Шундовски, тешко дека ќе сменат нешто драстично во играта на Е.Пелистер.
Згора на тоа Веспрем секоја година, па и оваа важи за еден од тимовите кои атакуваат на титулата во шампионската лига. Ова меѓу останатото го истакнува левиот бек на пелистерци Урош Борзаш.
„Секоја година тимот на Веспрем е се подобар и носи уште подобри играчи. Многу години ја бркаат титулата од Лигата на шампионите. Јасно дека ни следи многу тежок натпревар.
Тие загубија од Спортинг убедливо, па јасно е дека Веспрем има недостатоци, а ние ќе се обидеме да ги искористиме.
Сигурно ќе ги бараме своите шанси, па дури и за победа. Ќе дадеме максимум и ќе изгинеме на теренот.
Овој натпревар ќе биде празник за Битола, бидејќи не секој ден доаѓаат ракометари како оние од Веспрем“, изјави Борзаш.
Еурофарм Пелистер и Веспрем својот натпревар ќе го почнат од 20.45 часот. Претходно (18.45) од истата група ќе се игра дуелот Фуксе Берлин – ПСЖ.