Нов пораз за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите на гостувањето кај Висла македонскиот првак загуби со 26:18 (13:11). За полскиот првак ова беше прва победа и први бодови сезонава.
Почетокот на натпреварот беше во знакот на домашната екипа – расположена во напад, ги казнува грешките на битолчани и пред слабата реализација на македонскиот првак. Таквиот однос на силите донесе водство од +7 (9:2) за Висла во 15.та минута. Тоа како да беше знак за Еурофарм Пелистер да „влезе“ во натпреварот. Прво беше консолидирана одбраната, па Висла имаше период од пет минути без гол, а потоа постепено и нападот „проработе“ и во 29.та минута првпат негативата „падна“ на два гола 12:10, а на полувреме беше 13:11.
И вториот дел почна во знакот на домашната екипа и во 44.та минута веќе беше +6 (20:14). Тренерот на Е.Пелистер се обидуваше со промени да формира состав кој ќе биде конкурентен, но во редовите на Висла одличен на голот беше Мирко Алиловиќ, кој натпреварот го заврши со 11 одбрани и беше последна пречка за нападот на битолчани. Во 51.та минута Висла стигна до највисоките +8 (23:15) со што беше „заверена“ победата.
Слабата реализација во пред се во вториот дел е една од причините за високиот пораз.
Најефикасен на натпреварот беше Ловро Михиќ од Висла со 8 голови, додека кај Е.Пелистер Филип Кузмановски постигна 5.
Во следното коло Е.Пелистер го пречекува Веспрем на 24.октомври, додека два дена претходно ќе го игра дербито на македонското првенство на гости против екипата на Алкалоид.