Последниот и дерби натпревар од 7.коло од Супер лигата го донесе првиот пораз за досегашниот лидер на табелата тимот на Охрид, откако на гостувањето во Битола кај шампионот Еурофарм Пелистер загуби со 25:22 (14:9).

Изедначен натпревар имаше само на стартот односно до резултатот 4:4, по што следуваше серија од 5-0 за битолчани за 9:4. Во овој дел од играта домашната екипа ја казнуваше секоја грешка на противникот. Таа предност од пет разлика шампионот ја имаше и на полувреме со 14:9.

На стартот од вториот дел Е.Пелистер стигна и до највисоките + 8 (21:13), на што охриѓани одговорија со серија од 3-0 за намалување на разликата. По 22:16 за Пелистер избраниците на Стевче Алушевски направија уште една серија од 4-1 и во 56.та минута намалија на 23:20 и внесоа неизвесност, а домашниот тим преку младиот Ристевски зголеми на +4 (24:20) што беше потврда на победата. Во финишот охриѓани намалија и на -2 (24:22), но немаа време за изедначување.

Филип Кузмановски со 10 голови беше најдобар стрелец на натпреварот.

На вториот натпревар одигран денеска Струга ја забележа втората победа откако со 30:25 го совлада Радовиш.

По поразот на Охрид по седум одиграни кола лидер е Алкалоид со максимални 14 бодови, додека следуваат Охрид, Е.Пелистер и Вардар со по 12.

Во следното коло на програмата е уште едно дерби дуелот меѓу Алкалоид и Е.Пелистер што ќе се игра во салата Автокоманда.