Очекувани резултати на двата денешни натпревара од 6.коло од Супер лигата, а убедливи победи постигнаа фаворитите Охрид и првакот Еурофарм Пелистер.

Охрид на домашен терен го совлада тимот на Фриут Ленд Борец со 35:18. Домашната екипа високата победа ја најави кон средина на првиот дел кога предноста стигна до 10 голови разлика (16:6). Најефикасен на дуелот беше Наум Костов од Охрид со 7 голови, додека кај велешани Ивица Илиев постигна 6.

Во Куманово гостуваше првакот првакот Еурофарм Пелистер, кој постигна победа од 35:23. Кумановчани водеа на почетокот со 1:0 и 2:1, а потоа во првиот дел намалија на 10:12 и тоа беше се што сторија особено што првакот Е.Пелистер беше доминантен. На почетокот на вториот дел битолчани дојдоа до +10 (24:14), а најефикасен на дуелот беше капитенот на шампионот Филип Кузмановски со 10 голови. Кај домашната екипа Винициус Де Соуза постигна 8 голови.

На вчера одиграниот натпревар Вардар го сoвлада Пролет 62 28:25.

Утре се играат дуелите: Радовиш – Тиквеш и Бутел – Прилеп (почетокот е во 18 часот), а колото ќе биде комплетирано в понеделник со дуелот Алкалоид – Струга.

Табела: Охрид 12 бода, Алкалоид, Еурофарм Пелистер и Вардар имаат по 10, Прилеп 5, Бутел, Пролет 62, Куманово по 4, Тиквеш 3, Фриут Ленд Борец и Струга 2, Радовиш 0.