Нов трет пораз за ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите. На гостувањето во Букурешт, домашната екипа Динамо продолжи со максималниот учинок откако славеше победа со 34:25 (19:13) и стигна до третиот триумф.
Во првиот дел нерешено беше до 11-та минута кога Е.Пелистер преку Кузмановски изедначи на 5:5. Во следниот период домашните се обидуваа да дојдат до висока предност, но во 19-та минута Кузмановски намали на 9:8. Од тој момент ракометарите на Динамо Букурешт направија серија од 6:2 и во 26-та минута беше 15:10. До крајот на првиот дел романскиот првак стигна до највисоки + 6 во неколку наврати и на полувреме беше 19:13.
Вториот продолжи со доминацијата на Динамо и во 39-та минута беше +10 (25:15) предност која домашните ја имаа во неколку наврати. Еурофарм Пелистер успеа со мини серија од 4-1 да намали на 26:19, но разликата не падна под шест голови. Динамо до крајот ја потврди победата од девет голови разлика.
Најдобар поединец на дуелот беше голманот на битолчани Никола Митревски, кој имаше 14 одбрани
Филип Кузмановски со 9 голови беше најефикасен на дуелот, Богдан Радивојевиќ имаше ефект 6 од6, додека најефикасен кај Динамо беше Миклош Роста со 7 голови.
Еурофарм Пелистер в сабота го дербито од домашното првенство со Вардар во Скопје, а во следното коло на домашен терен на 9.октомври го пречекува лидерот на групата А португалскиот тим Спортинг.