Македонскиот кошаркарски вицепрвак Пелистер влезе во последната фаза од подготовките за новата сезона. Битолчани се на Златибор, Србија, каде ќе бидат одиграни и контролни натпревари.
Целта е јасна, да се крене формата и атмосферата во екипата, за остварување на целите што се поставени.
Како дел од овој подготвителен период Пелистер ќе одигра и две пријателски средби. Денеска противник на зелено-белите ќе биде екипата на Приморја, а за сабота (21 септември) е закажан дуелот со домашниот тим на Златибор.
„Пред една година рековме дека правиме сериозен клуб на здрави темели.
Лани целта ни беше целосна финансиска стабилизација и максимално успеавме во тоа, сега сакаме да одиме чекор напред од секој аспект, како организациски така и резултатски. Заминување на подготовки надвор од сопствената сала е нешто сосема нормално во модерниот спорт, тренд што за жал во кошарката веќе извесно време е напуштен.Наша обврска како управа е Пелистер да функционира на највисоко ниво и кошаркарите и стручниот штаб да ги имаат најдобрите можни услови, овие подготовки се само потврда на нашите заложби“,
изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски.
Кошаркарите на Пелистер отворањето на новата сезона ќе го имаат на 28 септември, кога во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе се сретнат со МЗТ Скопје во Супер-купот на Македонија.
Четири дена подоцна (1 октомври) ќе биде одигран и првиот меч од АБА2 лигата. Во него пелистерци на домашен терен во „Боро Чурлевски“ ќе ја пречекаат екипата на Сутјеска.