Ракометарите на Еурофарм Пелистер, втора сезона по ред ќе играат во елитната Лига на шампиони. Лошиот настап во минатата е зад нив, па сега зелено-белите ќе се обидат да го поправат впечатокот.

Лани Еурофарм Пелистер ги загуби сите 14 натпревари, па полошо од тоа не може да биде, напротив. Сега избраниците на Бранислав Ангеловски ќе мора да докажат дека го заслужуваат местото во Лигата на шампионите.

Битолскиот клуб во елитата е благодарение на добиената вајлд-карта, па сега ќе мора да ја оправда и довербата што им ја укажа ЕХФ.

„Минатата сезона на доста натпревари игравме добро, до крајот се боревме, но тоа не го наградивме со ниту еден бод.

Искрено се надевам на поинаков биланс оваа година“, изјави искусното крило, Богдан Радивојевиќ.

Задачата секако нема да биде лесна бидејќи конкуренцијата, како и секоја година, е исклучително силна.

А, се ќе започне од француската престолнина Париз. Таму вечерва Еурофарм Пелистер ќе му гостува на ПСЖ тимот кој сезони наназад е со амбиции да ја освои Лигата на шампионите, а така е и сезонава.

Вечерашниот натпревар меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер ќе се игра од 20.45 часот. 

Во истиот термин ќе се игра уште еден натпревар од  „А“ групата. Во Лисабон, Спортинг ќе ја пречека полската екипа Висла Плок.

Останатите два натпревари од оваа група на програмата се утре, а во нив ќе играат, Динамо Букурешт – Фрефериција и Фуксе Берлин – Вспрем. 

Е.ПЕЛИСТЕР | ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Комплетен распоред на натпреварите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите