Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија го претрпе петтиот пораз на Европското првенство. На шампионатот за ракометари до 18 години во Подгорица, македонија е поразена од Израел со 25-32.

Иако македонските ракометни надежи добро го отворија натпреварот, во продолжението одиграа многу лошо. До средината на првиот дел нашите „таленти“ во два наврати имаа и по три гола предност, но тука застанаа. Му дозволија на противникот да ја анулира негативата, па дури на полувреме да замине со предност 12-13.

Многу брзо во второто полувреме, противникот беше оној кој замина на три голови предност (16-19). Немаа одговор избраниците на селекторот Таневски на играта на противникот кој од минута во минута ја зголемуваше предноста. На крајот Израел апсолутно заслужено славеше победа со конечни седум голови разлика (25-32).

За македонските кадети останува уште утрешниот дуел за 20 место (17.00 часот) против селекцијата на Грција со која играа пред четири дена, а од која беа и поразени.