Балканското олимписко ракометно дерби го добија Словенците кои беа подобри од Хрватите, во мечот кој го судеа Македонците, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Во натпреварот од 2.коло на А групата, на игрите во Париз, Словенија ја совлада Хрватска со 31-29.
По тешката победа над Јапонија во првото коло, избраниците на Дагур Сигурдсон загубија од еден од главните ривали во битката за место меѓу осумте најдобри.
Хрватска одлично го отвори натпреварот, поведе со 5-1 по 11 минути. Имаа популарните „каубои“ четири гола предност (9-5) се до влегувањето во игра на голманот Урбан Лесјак. Словенечкиот чувар на мрежата со неколку интервенции им овозможи на своите соиграчи да стигнат до израмнување на полувремето (13-13).
Клучен се покажа периодот од 44-тата до 50-тата минута, кога Словенија постигна пет гола во низа и поведе со 25-21. Хрватска намали на 25-23, но тоа беше се што Хрватите успеаја да направат, па на крајот загубија со 29-31.
Претходно во натпревар од истата група Германците убедливо ја совладаа Јапонија со 37-26. Во последниот натпревар од оваа група попладнево ќе играат Шведска и Шпанија.
ОИ РАКОМЕТ – МАЖИ
Словенија – Хрватска 31-29 (А група)
Германија – Јапонија 37-26
16:00 Шведска – Шпанија
14:00 Египет – Данска (Б група)
19:00 Франција – Норвешка
21:00 Аргентина – Унгарија