Машката кадетска селекција на Македонија за одбојкари до 18 години со пораз го заврши настапот на Балканијадата во Тирана.

Во директниот дуел за 2.место македонските надежи беа поразени од Црна Гора со 0:3 во сетови.

Македонските младинци добро го отворија мечот, брзо создадоа двојна предност и поведоа со 6-3, а потоа и 12-5. Најголемата предност на жолто-црвените изнесуваше осум поени 15-7. Водеа нашите надежи со 21-16 и тука застанаа. Му дозволија на противникот да направи низа од 6-0 и да поведе со 21-22. Тоа ги окуражи Црногорците кои сетот го решија во своја полза со 26-24.

Иста слика и во вториот сет. Македонија водеше со 15-12, а Црногорците направија пресврт за 15-16. Противникот не ја испушти предноста и на крај убедливо го доби сетот со 25-18.

Во третиот сет, очајно слаба игра на младите македонски одбојкари, па освоија само седумнаесет поени (17-25).

Така со само една победа над домаќинот Албанија и порази од Србите и Црногорците, македонските млади одбојкари завршија како трето пласирани.