Струмичка Брера го промовира првото странско засилување. Струмичани потпишаа договор со францускиот фудбалер Џибрил Дианиси.
Станува збор за 28 годишен играч на крилната и напаѓачка позиција, кој минатата сезона настапуваше за белгискиот Ла Лувиер. За овој клуб има 13 настапи во првиот тим при што постигнал 3 гола.
Тој својата играчка кариера има настапувано за повеќе клубови во Франција, Белгија, Холандија, Естонија. Дианеси потекнува од школата на француски Тулуз од каде заминува во Холандија каде три сезони настапува за Мастрихт и Фотурна. Кариерата ја продолжува во естонски Калју и белгискиот Лувиер.
„Долго преговаравме со овој играч бидејќи сакавме да го донесеме во нашите редови. Ова засилување ги покажува нашите амбиции за наредната сезона и дека во наредниот период нашиот клуб ќе ангажира засилувања од истиот калибар.Во прашање е играч кој може да покрива повеќе позиции во нападот и очекуваме многу во следната сезона“, истакна претседателот на клубот Горан Пандев за првото засилување.
Дианеси потекнува од Мали и тој на нашиот тим ќе се приклучи со стартот на подготовките за новото првенство.
„Чест и задоволство е да играм за клубот кој за претседател го има Горан Пандев.Ќе дадам се од себе за исполнување на амбициите на тимот за новата сезона, бидејќи од тоа што го слушнав Брера за наредната сезона ќе атакува на врвот на прволигашката табела“, изјави Дианеси.