Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија отпатува за Грција каде утре и задутре ќе одигра два контролни натпревари.
Утре (16 часот) и задутре (12 часот) во Верија, избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ ќе одиграат два натпревари со врсниците од Грција.
Овие натпревари доаѓаат како замена за настапот на турнирот „Трофеј Карпати“.
Покрај натпреварите со Грција, македонските младинци ќе одиграат и два контролни натпревари со Словачка на 5 и 6 јули.
Македонија се подготвува за настап на Европското првенство за ракометари до 20 години што ќе се одржува во Словенија.
На шампионатот што ќе се игра од 10 до 21 јули, Македонија за противници ќе ги има Хрватска, Црна Гора и Австрија.
Покрај младинците, настап на континенталното првенство ги очекува и јуниорите.
Репрезентацијата до 18 години ќе игра на шампионат во Подгорица, Црна Гора од 7 до 18 август. Македонските надежи немаа среќа при ждрепката, па за противници ќе ги добија селекциите на Германија, Франција и Полска.