Кошаркарите на Далас го добија четвртиот натпревар од финалето на НБА плејофот и ја намалија серијата на 3-1. Тоа беше дуел во еден правец кој беше решен многу брзо, а домаќините го добија со 122:84.

Oткако Бостон поведе со 3-0 во финалната серија, стигна до првите меч топки за шампионската титула, но не ја искористи првата. Далас го одигра својот најдобар натпревар, а од друга страна Бостон не беше на исто ниво како во првите три натпревари.

Натпреварот 4 почна да му се лизга од рацете на Бостон многу рано. Многу брзо Далас стигна до двоцифрена предност, по што до паузата ги решија сомнежите за победникот. На полувремето веќе беше 61:35 за Маверикс кои продолжија да го зголемуваат водството. Дуелот заврши со конечни 122:84.

Најдобри кај победникот очекувано беа Лука Дончиќ со 29 поени, пет скока и пет асистенции, а Кајри Ирвинг додаде 21 поен и шест асистенции.

За Бостон, Џејсон Тејтум постигна 15 поени со пет скока, а Сем Хаузер додаде 14 поени.

Втората шанса за шампионски трофеј Бостон ќе ја има пред домашната публика во вторник.