Викендов требаше да биде празник на фудбалот во најмладите категории во Македонија. Но, наместо детска радост да добар потег, гол, победа, децата беа сведоци на нов срам, предизвикан од родителите.
Ако воопшто може да се наречат „родители“ кои треба да бидат углед за своите деца, неколку „усветени глави“ направија хаос на завршниот турнир.
Имено, на мечот меѓу Сарај и Фит Кид, генерација 2012 година, се случи тепачка меѓу родители.
Веднаш се појавија видеата од настанот на социјалните мрежи, каде јавност го осудува настанот и бара најригорозни казни за сторителите.
„Пратив дете да спортува, да живее здрав живот, да се социјализира и дружи со другите деца, а не да гледа насилници со болни амбиции“, е еден од бројните коментари по социјалните мрежи.
Разбирлив е гневот на стотиците, вистинските родители, кои беа присутни да им дадат поддршка не само на своите деца туку и нивните другарчиња.
Се огласија и од Фудбалската федерација на Македонија, која е организатор на турнирот. Од ФФМ најавија дека продолжението на завршниот турнир ќе мине без присуство на публика.
Од клучно значење е сите да се стремиме кон основната цел на детскиот спорт: поттикнување развој, забава и почит меѓу учесниците.
Фудбалската федерација на Македонија како организатор на Детска лига сериозно размислуваше за драстична одлука и суспендирање на понатамошните натпревари, но таа одлука би значело само штета за сметка на радоста на децата и нивната желба за игра.
ФФМ сепак донесе одлука понатамошните натпревари да се одиграат без присуство на публика.
Исто така, тренерите на тимовите учесници во натпреварувањето се известени да го почитуваат кодексот за фер-игра и однесување. Секое спротивно однесување ќе подлежи на дисциплински сакнции.
Ги повикуваме сите родители и гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој.
Наш приоритет е да обезбедиме секое дете да ужива во играњето фудбал во безбедна и позитивна средина.