Кошаркарите на Далас Маверикс се на еден чекор до пласман во големото НБА финале. Далас по трет пат ја совлада Минесота 116-107 и поведе со 3-0 во серијата од финалето на Западната конференција.

На дуелот одигран во Далас, во текот на најголемиот дел Маверикс беа оние кои ја имаа предност. „Волците“ успеаја да ја анулираат дури во финишот на третиот период кој заврши нерешено. Во последниот се играше кош за кош се до 104-104, кога Маверикс го зададоа завршниот удар.

Предводени од Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг, домаќините на крајот славеа и со девет разлика (116-107).

Двајцата кошаркари натпреварот го завршија со по 33 поени, со тоа што Лука имаше 7 скока и 5 асистенции, а Кајри 4 асистенции и 3 скокови.

Сега Далас го дели само една победа од пласман во големото финале. Првата шанса ќе ја има веќе во среда наутро и тоа на домашен терен.

Нќеска пак, во таква ситуација се кошаркарите на Бостон. Тие во финалето на истокот водат со 3-0 во победи против Индијана.