Во ракометната плејоф Супер лига, попладнево се одигра последниот натпревар од претпоследното коло.
Во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ракометарите на Вардар го совладаа Охрид со 29-22 и останаа во игра за шампионскиот трофеј.
Вардарци лесно стигнаа до победата. Го отворија натпреварот со 3-0, па таа предност постојано ја одржува аи зголемуваа. На полувремето скопјани имаа четири голови предност (15-11). И во вториот дел иста слика. Охриѓани постојано ја бркаа негативата, но се што сторија е да намалат на два голови разлика. Сепак, на крајот Вардар славеше со седум разлика (29-22).
Стефан Петриќ со 8 голови беше најефикасниот ракометар4 во победничката екипа, за која Томислав Јагуриновски постигна пет. Кај охриѓани прв стрелец беше Гал Цицар со шест гола.
Со оваа победа Вардар сега има 36 бодови, а зад актуелниот првак и лидер на табелата Еурофарм Пелистер заостанува за два.
Во последното коло, кое треба да се игра следниот викенд Вардар ќе му гостува на Бутел против кој мора да победи, но црвено-црните ќе навиваат за Алкалоид. Вардарци ќе очекуваат Алкалоид да го изненади Пелистер и тоа на дуелот во Битола. Само така може да дојде до промена на врвот на табелата.
ТАБЕЛА: Еурофарм Пелистер 38 бодови, Вардар 36, Алкалоид 30, Охрид 26, Тиквеш 22, Бутел 10, Пролет 6, Струга 0.