Ја нарекуваат „Кралица на спортот“. Речиси не постои човек на земјинава топка, кој барем рекреативно, еднаш не се занимавал со неа. Таа е првиот спорт на Олимписките игри, и најмасовна во светот, сметајќи ги и рекреативците кои ја практикуваат. Постои и се практикува дури и во Македонија!
АТЛЕТИКА !!!
И сигурно сега се прашувате, зошто ваков вовед за овој прекрасен спорт?
Одговорот е едноставен. Атлетска федерација на Македонија (АФМ)!
Федерацијата постои за спортистите, па така и Атлетската за атлетичарите. Но, бадијала постои, ако не во сервис на спортистите. Нашата, македонската, како и да не постои, особено кога во прашање е нејзината транспарентност и функционирање.
Да, АФМ се јавива како организатор на бројни натпреварување во државата, но тие како да се организираат „скришум“ далеку од очите на јавноста.
Знаевте ли дека пред два викенди (11 мај) се одбележуваше Светски ден на атлетика? Знаевте ли дека на арената „Тодор Проевски“ имаше Национално првенство за пионери-ки? Знаете ли дека и изминатиот викенд, имаше Државно сениорско првенство?
СИГУРНО НЕ!
ФЕЈСБУК и ИНСТАГРАМ ФЕДЕРАЦИИ !
Стана некако пракса, Националните федерации, својата комуникација со јавноста, да ја прават преку социјалните мрежи. Да, тоа е тренд и во светот, но во светски рамки останува и се засилува праксата, федерациите директно да комуницираат со медиумите, како средства за информирање на јавноста.
Е, тоа е редок случај во нашата земја, Македонија.
Овој тренд е прифатен и од АФМ. До некој степен би можело тоа да се толерира, доколку информациите се пренесуваат навремено и се споделуваат со медиумите. Но, тоа не е случај. Така во саботата, ќе видите објава за постигнати, резултати од минатото натпреварување, но никаде најава и за тековните активности.
Пред празни трибини, спортисти тешко наоѓаат мотив !
Како медиумите да ја поттикнат јавноста да биде присутна на тие настани?
Како јавноста да знае каде и кога да дојде и да им даде поддршка на спортистите (атлетичарите)?
За кого се натпреваруваат спортистите, во случајов атлетичарите?
Како тогаш очекувате постигнување на врвни резултати?
А, кога сме кај резултатите тие се приказна за себе. Веднаш се поставува и прашањето на регуларноста?
На тартанот (патеката) покрај атлетичарите ќе видите и лица кои не им е местото таму. Дури имате и ситуација во која во скок во далечина, судиите немаат знаменце да сигнализираат дали атлетичарот направил престап. Па и случајно да се најдете на трибините, информација за постигнатото нема да знаете. A, стартниот пиштол!!!
Фото: Инстаграм Атлетска Федерација на Македонија
Транспарентност – Собрание!
Сето веќе напишано, доволно говори за одговорноста, ако сакате и способноста, а најмногу за транспарентноста во работата на Атлетската федерација.
Во статутите на сите Национални спортски федерации во Македонија, стои дека работата на истите е транспарентна. Особено тоа важи за Управните одбори, а пред се за организација на највисокиот орган на федерациите Собранието.
Атлетската федерација во четврток ќе одржи редовно собрание, за кое јавност и медиумите немаат никаква подетална информација!?
Дали некому му одговара, проблемите да се затскријат или ле, па Собранието ќе биде во рангот на „приватна забава“, останува да видиме.