Фудбалскиот клуб Тиквеш од Кавадарци за прв пат во својата долга историја ќе има можност да освои трофеј. Тиквеш утре ќе игра во своето прво финале во Купот на Македонија.
Кавадарчани кои одиграа фантастична сезона, особено во вториот дел на првенството, завршија како четврто пласирани. Тие на патот до финалето ги елиминираа Арсими, Пелистер, Брера и Шкупи, па сега имаат шанса да го освојат трофејот.
„Кога сме веќе во финалето, секако дека сме тука и да го освоиме.
Нема да бидеме скромни, сакаме да го освоиме пехарот.
Верувам дека моите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани и дека ќе ја заокружиме оваа сезона на најдобар можен начин.
Победникот може да го реши еден момент, грешка или инспирација на одреден фудбалер“,
изјави тренерот Ѓорѓи Мојсов.
Со исти мисли се и фудбалерите, предводени под капитенот Александар Вареловски.
„Тиквеш има голема традиција, а сега првпат ќе играме и во финалето на Купот.
Ќе дадеме се од себе, па и повеќе од тоа, за да слави цело Кавадарци.
Подготвени сме, имаме позитивен притисок и навистина се надевам дека победа во финалето ќе биде круна на успешната сезона“,
истакна Вареловски.
На патот до желбата и целта на Тиквеш му стои составот на Воска спорт, во мечот што ќе се игра утре на арената „Тодор Проевски“ од 19 часот.