Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ги одработува завршните подготовки пред стартот на новото издание на Европската Златна лига.
Црвено-жолтите во Струмица ќе бидат домаќини на првиот турнир, на кој за противници ќе ги имаат Естонија и Чешка.
Капитенот Никола Ѓорѓиев е задоволен од досегашниот тек на подготовките, како и прикажаното на контролните дуели со Романија. Тој смета дека доколку биде подобрена константноста во играта, Македонија може да се радува на победи.
„Во Романија одигравме две одлични утакмици. Многу сум задоволен, бидејќи на првата натпревар одигравме многу добро, игравме како да сме 100 меча заедно, а не прв меч на една нова генерација.
Во вториот меч поради одредени повреди на клучни играчи не можевме да го дадеме својот максимум. Треба да го имаме рецептот на првиот меч и заедно да работиме за мечот со Естонија.
Би требало да ја подобриме константноста, затоа што Европската лига носи два меча во еден викенд. Презадоволен сум како изгледавме на контролните натпревари и се надевам дека со нашата публика ќе успееме да ја израдуваме македонската јавност и на следните два меча“,
изјави Ѓорѓиев.
Натпреварите ќе се играат во салата „Парк“ во Струмица 0д 17 до 19 мај. Во првиот (петок) Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Естонија, а во недела следува дуелот со Чешка.