Екипата на Јувентус е освојувач на трофејот во Купот на Италија. Во своето 22-ро финале, Јувентус славеше над Аталанта со 1:0

На натпреварот одигран на „Олимпико“ во Рим, единствениот гол го постигна Душан Влаховиќ уште во четвртата минута. Србинот го искористи одличното додавање на Камбиасо и лошата офсајд стапица на противникот, па рутински го совлада Карнесеки за 1-0.

Се обидуваше тимот од Бергамно да стигне до израмнување, напаѓаше Аталанта, но сето тоа беше без завршница.

Во 72.минута Влаховиќ повторно ја затресе мрежата на Аталанта, но поради офсајд голот не беше признат. И среќата им го сврте грбот на фудбалерите на Аталанта. Во 80-тата минута, ударот на Лукман заврши во стативата од голот на Јувентус. На спротивната страна во 84-тата Фабио Мирети ја затресе гредата.

Јувентус е најтрофејниот тим во „Копа Италија“, а ова е 15-тата титула за популарната „стара дама“.

Аталанта која го играше шесто финале, трето во последните четири години, остана на единствениот трофеј освоен во далечната 1963 година. На Аталанта и останува уште една шанса за трофеј сезонава и тоа во Лигата на Европа во која во финалето ќе игра со германскиот шампион, несовладливиот Баер Леверкузен.