Македонија во реванш дуелот од баражот за Светското првенство ја совлада селекцијата на Фарски острови со 34:26 (19:15) и по деветти пат успеа да избори пласман на Светско првенство.

На почетокот на дуелот селекторот Лазаров се реши за зона 5-1 во која Џонов имаше задолжение да прави проблеми во нападот на ривалот бидејќи играа 7 на 6. Во таквата игра постигнавме три гола на празен гол. Двете репрезентации се менуваа во водството со брзи напади и 5:5 беше последен пат нерешено. Потоа Македонија направи серија од два гола, а на средина на првиот дел по 10:9  со серија од 3-0 дојдовме до водство од 13:9 во 20.минута. Во моменти Лазаров го замени Јагуриновски во нападот со Серафимов и нашиот напад стана поопасен. Во 23.минута по тајм аутот на Лазаров стигнавме и до +5 – 15:10. Исклучувањето на Кузмановски гостите го искористија и на полувреме намалија на четири негатива.

Во 36.минута Македонија поведе со +6 (од вториот обид) со голот на Пешевски, а по пеналот на Костески во 37.минута поведовме со +7 (24:17). За ново водство од седум разлика Митревски пресече контра, а Пешевски погоди. Прво водство од +8 во 45.минута со голот на Кузмановски, а потоа следеше нова одбрана на Митревски. По новото исклучување за Лазаревски Фарски о. намалија на 29:21, но Кузмановски врати и со играч помалку. По неколку минути без гол на двете страни Фарски намалија 31:24, но М.Митев пак не врати на +8 со исклучување на противнички играч. Пешевски погоди за 9 разлика и радоста на Македонија можеше да почне. 

Стрелци на головите за Македонија беа: Пешевски 8 (без промашување), Кузмановски 7, М.Митев 6, Серафимов 5, Костески 3, Лазаревски 2, Џонов 2, Митревски 1.

Македонската ракометна репрезентација со тоа, повторно се избори за нов настап на Мундијалите и Македонија пак ќе биде дел од светската елита.