Само уште три кола остануваат до крајот на сезоната во Првата македонска фудбалска лига.

Во нив три екипи влегуваат со идентичен број на бодови (58) во трката за шампионскиот трофеј. Дел од дилемите може да бидат решени уште денеска, по одигрувањето на натпреварите од 31-вото коло.

Директна пресметка на претендентите за трофејот.

Екипата на Шкупи ја пречекува тетовска Шкендија. Домаќините решија да ги отворат вратите на стадионот, односно да дозволат слободен влез на натпреварот. Чаирчани се надеваат дека со поддршка на нивните симпатизери, ќе успеат да стигнат до трите бода. Но, секако се прашува и тетовската екипа, која на последните шест натпревари забележа четири победи. Тетовци ги искористија киксовите на ривалите во минатите рунди и се израмнија со нив, па сега не сакаат да ја пропуштат укажаната шанса.

Шампионот брка рехабилитација против „забревтаниот“ Гостивар.

Актуелниот првак Струга Трим Лум е домаќин на Гостивар во вториот по важност натпревар во оваа рунда. Само една победа и дури три порази на последните пет натпревари имаат стружани. Рехабилитација од лошата форма ќе бараат против тимот кој во минатото коло славеше над нивниот ривал Шкупи. Гостиварци се шести со амбиции да одат некое место погоре. Но, тоа ќе зависи и од настапите на Тиквеш и Силекс.

Директен дуел за опстанок во ПМФЛ.

Третиот исклучително важен натпревар ќе се игра во Маџари на стадионот „Борис Трајковски“. Таму Вардар и Македонија ЃП во директна пресметка може да решаваат која екипа следната сезона ќе се пресели во Втората лига.
Вардарци се во поповолна ситуација од „лавовите“ од Ѓорче, а црвено-црните имаат шест бодови повеќе. Имајќи в предвид дека до крајот на располагање се уште девет бода, можно е со реми Вардар да ги избегне последните две позиции, оние што директно водат во понизок ранг на натпреварување.

ПРВА ЛИГА 31.КОЛО (17 часот)

ШКУПИ – ШКЕНДИЈА
СТРУГА Т.Л. – ГОСТИВАР
БРЕРА СТРУМИЦА – БРЕГАЛНИЦА
РАБОТНИЧКИ – ТИКВЕШ
ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП
ВОСКА СПОРТ – СИЛЕКС

Standings provided by Sofascore