Актуелниот одбојкарски првак на Македонија, екипата на Струмица го доби вториот меч од годинашното финале против Штип УГД. Струмичани сега ги дели само уште една победа од нова шампионската титула (вкупно 11-та).

Шампионот подобро го започна мечот. Гостите направија повеќе грешки, а струмичани рутински освојуваа поени. До водството од 1:0 стигнаа со 25-18.

Во раната фаза на вториот сет гостите направија четири поени предност. Грешеа домашните одбојкари, а тоа штипјани знаеја како да го казнат. Во финишот ја зголемија разликата и го добија сетот убедливо со 15-25, за израмнување на 1:1.

И третиот сет налик на претходните два. Во него на ред беа домаќините. Тие рано резултатски се одлепија и го добија убедливо сетот со 25-17 за водство од 2:1. Четвртиот сет домаќините го отворија со четири предност (6-2), но штипјани брзо израмнија (8-8 и 9-9). Следуваше неверојатна серија на шампионот со 10-1 за предност од 19-11. Тоа беше недостижно за гостинската екипа, па Струмица го приведе сетот во своја полза со 25-15, а мечот со 3:1 во сетови.

Првата меч топка за нов шампионски трофеј струмичани ќе ја имаат во четврток на дуелот што ќе се игра во Штип.