Куманово го пречека тимот на Вардар во дербито на 20-тото колото во женската ракометна Супер лига. Во него, вардарки славеа триумф со 31:26.

Екипата на Вардар влезе во натпреварот мотивирано и успеа да поведе со 6:2. Куманово не се откажа и ја намали негативата на 7:4. Вардарки дадоа напор и веднаш ја зголемија предноста на +5 (15:10). Гостите беа незапирливи и со серија 3:0 успеаја да поведат со 18:10. На полувреме тие заминаа со позитива од 18:11.

Домашната екипа во второто полувреме се обиде да ги стигне гостите па со серија од 4:0 намалија на 18:15. Но, Вардар веднаш возврати и во 38-та минута ја зголеми предноста на 22:17. Кумановки не се откажаа и ја намалија негативата на 24:22. Гостите не дозволија домаќините да израмнат и постепено само ја зголемуваа предноста. Во 26-тата минута црвено-црните имаа позитива од +4 (29:25) по што беше очигледен крајот. Крајниот резултат беше 31:26.

Најдобри стрелци од Вардар беа Трпевска со осум погодоци и Василева со шест, додека од Куманово Сара Цветановска постигна шест гола. Со оваа победа Вардар го презеде 3.место на табелата од Куманово, а двата тима имаат по 45 бодови.

Победи на гостински терен остварија и екипите на Металург Автокоманда и Стружанка, а можност за тоа попладнево ќе има и шампионот Ѓорче Петров кој гостува кај Чаир.

СУПЕР ЛИГА (ЖЕНИ) – 20.КОЛО
Сабота

ГЕВГЕЛИЈА – МЕТАЛУРГ АВТОКОМАНДА 18-28
ШАМПИОН – СТРУЖАНКА 17-29
КУМАНОВО – ВАРДАР 26-31
18:00 ЧАИР СКОПЈЕ – ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
19:30 СКОПЈЕ – ДЕСПИНА
недела
12:00 АСТИБО – ПЕЛИСТЕР
20:00 ОВЧЕ ПОЛЕ СУ – СПАРТАК

ТАБЕЛА: Ѓорче Петров 55 бодови, Металург Автокоманда 52, Чаир 49, Вардар 45, Куманово 45,…

Ивона Кимовска