Ракометарите на Алкалоид со победа над Струга „го отворија“ 10.коло од ракометната Супер лига – плеј оф. Тие на домашен терен во салата во Автокоманда забележаа победа од 35:20 (15:10) и со новите три бодови се пробија на третата позиција на табелата со вкупно 24 бодови, исто колку и вториот Вардар и еден повеќе од Охрид.
Гостите од Струга (последнопласираниот тим во плеј офот) поведоа со 2:0, но тоа беше и единственото водство. Следуваше серија од 5:1 на Алкалоид, кој во 20.та минута водеше со +5 (11:6). Оваа разлика беше и на полувремето – 15:10. Во вториот дел на стартот Алкалоид направи серија од 5-0 за прво двоцифрено водство – 20:10 во 36.минута. Домашните ракометари постепено ја зголемуваа предноста, која на крајот изнесуваше максималните +15 (35:20).
Најефикасен на натпреварот беше Дамјан Митев со 7 голови (3 од 7.метри), а голманот Иван Галевски имаше 16 одбрани. Во првото полувреме по еден дуел во 20.та минута се повреди Марко Стојковиќ, кој мораше да замине и на прегледи во болница. До тој момент Стојковиќ беше стрелец на 4 голови.
Во редовите на Алкалоид по паузата поради повреда се врати Кристијан Симоноски, кој постигна 5 голови.
Алкалоид во следното коло го пречекува тимот на Охрид.