Ракометарите на Вардар со победа го „отворија“ 7.коло од плеј оф супер лигата откако во пладневниот термин го победија тимот на Бутел на домашен терен со 30:22 (16:11). Со оваа победа тие практично го најавија дерби дуелот од следното коло со големиот ривал актуелниот шампион Еурофарм Пелистер.

Денешниот дуел гостите од населбата Бутел подобро го отворија натпреварот и имаа предност од 5:2, а Вардар за првпат изедначи на 7:7. Првото водство на „црвено-црните“ беше 11:10, а во финишот на првиот дел Вардар имаше серија од 7-0 (9:10 – 16:10). Во второто полувреме „вардарци“ стигнаа и до +10 (28:18), а гостите до крајот само го ублажија поразот.

Родригез кај Вардар со 9 голови беше најефикасен, додека Николов во редовите на Бутел постигна 8 голови.

Другите дуели од оваа рунда се играат попладнево, меѓунив дербито меѓу Алкалоид и Е.Пелистер кое почнува во 18 часот.

СУПЕР ЛИГА ПЛЕЈ-ОФ (МАЖИ) 7.КОЛО
Сабота
ВАРДАР – БУТЕЛ 30:22
16.00 СТРУГА – ПРОЛЕТ
18.00 АЛКАЛОИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
18.00 ТИКВЕШ – ОХРИД

ТАБЕЛА: Еурофарм Пелистер 20 бодови, Вардар 18, Алкалоид 15, Охрид 14, Тиквеш 13, Бутел 4, Пролет 3 и Струга 0.