Раководството на Ракометната федерација на Македонија, денес оствари средба со сениорките и со стручниот штаб на женскиот национален тим.
Средбата доаѓа по враќањето на репрезентација од Баку, каде со победата над Ерменија, Македонија го потврди пласманот на годинешното Европско првенство.
Претседателот Живко Мукаетов се заблагодари на ракометарките и на стручниот штаб за севкупното залагање и придонес за пласманот. Тој истакна дека во овој квалификациски циклус се отиде чекор напред, ракометарките покажаа дека вредат и дека местото им е на завршниот континентален турнир.
Имајќи предвид дека женската ракометна репрезентација успеа да се пласира на ЕП преку квалификации по цели 12 години. УО на РФМ претходно донесе одлука, за пласманот на ЕП женската национална селекција да добие награда во износ од 2 милиони денари.
Ова е седмо континентално учество, а второ последователно на женската национална селекција, која во 2022 година во Скопје беше домаќин на Европското првенство.
Македонските ракометарки очекуваат дека в недела за кога е закажан последниот натпревар против Летонија, заедно со навивачите ќе го прослават пласманот.
Тој натпревар ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски” од 18 часот, а влезот во салата е слободен.
Кои ќе бидат противниците на Македонија на Европскиот шампионат ќе дознаеме на 18 април по ждрепката во Виена.
Инаку, Европското првенство ќе се одржи Австрија, Унгарија и Швајцарија од 28 ноември до 15 декември.