Женската фудбалска репрезентација на Македонија, го започнува циклусот на квалификации за Европско првенство кое 2025 година ќе се одржи во Швајцарија.
Александар Андов денеска и официјално ќе го има првиот тренинг како нов селектор.
„Да се биде селектор, без разлика дали станува збор за млади репрезентации до 15, 17 ,19 години или А селекцијата, за мене претставува огромна чест и привилегија.
Но селекторско место со себе носи и голема одговорност и сериозен пристап првенствено кон работата и обврските околу репрезентацијата.Иако имаме малку време за подготовки во пресрет на првиот натпревар од квалификациите, кој го играме на 5 април во Рига против репрезентацијата на Летонија, очекувам од сите максимално вложување и голем труд на сите тренинзи.
Овие подготовки ќе ги искористиме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме и пред се да се воиграме на тактички план.Ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, ќе се трудиме да се подобруваме во секој сегмент од играта. Треба да бидеме максимално фокусирани и желни за подобрување, да веруваме во себе.
Само така ќе можеме да оствариме позитивен успех како тим“, вели новиот селектор Андов.
Македонија на 5 април во Рига и гостува на на Летонија, во дуелот закажан со почеток во 17 часот.
Четири дена подоцна (9 април) на домашен терен ја пречекува селекцијата на Словенија. Дуелот против Словенија ќе биде одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски”, со почеток во 15. часот.