Александар Милојевиќ и Иван Мијалковски не застануваат. Некогашниот македонски интернационален судија, а сега комесар при КФМ, Милојевиќ и неговиот колега Мијалковски промовираа уште едно „четиво“ за кошаркарските арбитри.
По издавањето на „Прирачникот за кошаркарско судење“, тие креираа своевидно продолжение, а го насловија како „Механика за тројца кошаркарски судии“.
„Иднината на кошаркарското судење е во механиката со тројца судии. Основното поставување и движење на теренот за игра, администрирање грешки и прекршоци и други, се работи кои треба да се учат, знаат и почувствуваат. Механиката на кошаркарското судење е впрочем како возење на автомобил. Нема да знаеме да возиме автомобил, ако имаме само теоретско познавање, а немаме возачко искуство“.
На промоцијата, во улога на рецензенти зборуваа најдобрите македонски и светски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Свое видување даде и еден од нашите најдобри фудбалски судии со знакот на ФИФА, Александар Ставрев.
Собраните средства од продажбата при синоќешната промоција, ќе бидат донација, за лекувањето на Леонид Индов.