Без изненадувања минаа денешните натпревари од 17.коло во Првата машка лига. Фаворитите ја оправдаа улогата и славеа победи.
Се почна со триумфот на Пелистер пред своите симпатизери во дуелот со Феникс.
Предноста на домашниот терен ја искористи и шампионот МЗТ Скопје Аеродром, кој можеби потешко од очекуваното го совлада Охрид. Иако од почетокот аеродромци постојано беа во водство сепак во првиот дел не успеаја да направат двоцифрена предност. На одмор МЗТ замина со 42-35. Дури на крајот на третиот период сино-белите стигаа до +10 (59-49). Таквата предност домаќините не ја испуштија и на крајот славеа со конечни 81-68.
Во редовите на МЗТ Скопје, најефикасен беше Харис Делалиќ со 24 поени. На чекор до двоен ефект беа, Душан Танасковиќ (15 поени и 9 скокови) и Бојан Крстевски (14 поени и 9 скокови).
Важни победи на гостински терен остварија ТФТ и Чаир.
Во Гостивар кај истоимениот домашен тим, ТФТ победата ја најави по првата четвртина која ја доби со 15 разлика. На полувремето гостите имаа и +17 (44-27). Тоа се покажа како недостижно за Гостиварци, па ТФТ ја забележа единаесеттата победа. Бадијала се покажаа 31 поен за Инграм кога Гостивар го претрпе 12-тиот пораз. Во победничката екипа, Страхил Николов беше блиску до даб-дабл, а натпреварот го заврши со 24 поени и 9 скокови.
Иста слика и на натпреварот во Гевгелија каде составот на Чаир првото полувреме го заврши си убедливи 20 разлика (47-27). Така второто полувреме беше само чиста формалност, по кое, чаирчани се израдуваа на дванаесеттата победа.
Американецот, Бревин Галовеј со 23 поени беше прв стрелец на натпреварот и во победничката екипа за која Валмир Какруки додаде 21 поени и осум скокови.
Во дуелот на двете последно рангирани екипи екипата на Академија ФМП во интересен и резултатски неизвесен натпревар го победи Вардар. Иако на гостите им припадна првото полувреме (33-41), во второто домашниот состав направи комплетен пресврт. Решавачка беше последната четвртина која „академците“ ја добија со осум разлика, за на крајот да слават со +7 (80-74).
Оваа рунда ќе биде заокружена утре (18 часот) со дербито во Кавадарци, каде Еуро Никел ќе го пречека Работнички.
ПРВА ЛИГА (МАЖИ) – 17.коло
Сабота
ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 71-67
МЗТ СКОПЈЕ А. – ОХРИД 81-68
ГОСТИВАР – ТФТ 77-91
KOЖУВ – ЧАИР 70-84
АКАДЕМИЈА ФМП – ВАРДАР 8-74
недела
18.00 ЕУРО НИКЕЛ – РАБОТНИЧКИ МРТ 3
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 31 бод, Пелистер 29, Чаир 29, Работнички 27 (-1), Еуро Никел 28 (-1), ТФТ 28, Феникс 27, Гостивар 22, Академија ФМП 21, Охрид 20, Кожув 20, Вардар 20.